Thursday, 15 January, 2015 0 7

Интервју со д-р Горан Рафајловски

slika-GORANНајголема доблест на државата е да не ги затвора бизнисите. Не е поентата да те затворат како бизнис. Во интерес на државата е бизнисите да преживеат. Па, од кого ќе наплаќа даноци?

 

 Горан Рафајловски е четврт век во бизнисот, основач на бирото за економско-правен консалтинг и ревизија “Рафајловски консталтинг“, во јавноста познат како човек што немавлакна на јазикот кога се дискутира за економските прилики во државата.

Го прашавме прво, што е според него, клучен проблем во домашниот бизнис амбиент.
Нема пари. Тоа е најголемиот проблем. Фалат пари за инвестиции, за обртни средства, ликвидноста е загрозена, многу фирми не ги плаќаат своите обврски. Фирмите се гушат затоа што е криза, таа не е завршена и проблемот е во кешот, кој што до пред извесно време беше блокиран од страна на банките. Заборавија дека македонската држава пред 15 години ги санираше со народни пари, пари што сите ние од бизнисот и граѓаните сме ги уплаќале во буџет, ги крена на нозе, а тие не го вратија како што треба тој своевиден долг кон бизнисот. Јас кога кажував уште пред 3 години банките да пуштат повеќе пари во бизнисот, да спуштаат камати, тие не слушаа. Ним им беше добро, купуваа државни записи. Конечно и тие сфаќаат дека тие потези тогаш, сега им носат штета. Отвореноста кон стопанството не може да оди од една банка, сите треба да бидат отворени. На крајот на краиштата, банките не може да преживеат ако фирмите умрат.

 Јас кога кажував уште пред 3 години банките да пуштат повеќе пари во бизнисот, да спуштаат камати, тие не слушаа. Ним им беше добро, купуваа државни записи. Конечно и тие сфаќаат дека тие потези тогаш, сега им носат штета.
-Банките велат дека пари за добрите проекти секогаш имало, и дека каматната стапка не е проблем ако бизнис моделот ви е добар…

Каматната стапка е проблем ако е 15 – 20%, како на времето. За волја на вистината, каматите се сега многу пониски, но проблем е што е тешко да добиете кредит. На банката не и секогаш битен бизнис моделот, едноставно сака да се обезбеди со сe’ што имате и немате… Банките не го развија инвестициското банкарство и проектното финансирање, па да влезат и тие со поголем ризик во проекти што имаат потенцијал за успех. Исто така, потребни се и подолгорочни кредити за бизнисите. Тоа што е автопат за државата, тоа е фабрика за бизнисот. И не може за 7 години да вратите таков кредит, ви требаат минимум 15 години.

 

-Но, дали само банките се виновни за тоа што нема пари во економијата? Фирмите не си плаќаат меѓу себе, ликвидноста е загрозена. Кога почна всушност таа “култура на неплаќање“?

Праксата на неплаќање си ја почна самиот бизнис, поточно големите фирми, уште пред 15-тина години. На почетокот од транзицијата, до кај 93-94 година практично и немаше кредитирање, банките не функционираа, па ние компаниите се кредитиравме меѓу себе, со позајмици. И постоеше етика, ретко кој не ги враќаше зајмените пари. И мене ми помогнале бизнис партнери и пријатели и јас сум помогнал на други. Таму некаде по 1997- 98 година, одеднаш почна “спортот на неплаќање“ и за кусо време веќе имаше сериозни неплаќачи. Кога почнаа сопствениците – директори да го вадат капиталот од фирмите добиени за без пари во приватизацијата, затоа што добар дел од нив не знаеја како да ги водат фирмите, па гледаа да зграбат сe’ што може да се зграби – е тогаш се загуби системот на вредности и сe’ се преврте наопаку. Подоцна во “маѓесапниот круг“ на неликвидноста се вклучи и државата, која исто така почна да доцни со своите исплати кон фирмите што работеа со неа и оттогаш, повеќе од 15 години, се вртиме во тој круг.

 -Владата го темели економскиот раст во голема мера на странските директни инвестиции, кои што се обилно субвенционирани, додека домашниот бизнис не е подеднакво третиран. Дали таков раст е одржлив на долг рок? 

Пред сe’, ние домашните компании бараме да бидеме третирани еднакво како и странските компании. Многу ми пречи кога странските инвеститори, на кои што им даваме сe’, ќе речат не може да работиме со локални добавувачи, затоа што не исполнуваат одредени стандарди. А, зошто кога веќе им даваме сe’, не им кажеме дека мора да соработуваат со локални компании, а дека локалните мора да ги исполнат потребните стандарди. Во првите шест месеци или година дена, да речеме, ќе нема компанија што ги исполнува стандардите. Но, во меѓувреме, ќе се изберат неколку компании што може да го постигнат нивото. Кога ќе го постигнат нивото, тогаш ќе станат добавувачи на странците. Секако дека не може за сe’ да им станат кооперанти, но не смее да се игнорираат. Мора да се мисли на домашните компании. Тие се ср’жта на економијата.

 Многу ми пречи кога странските инвеститори, на кои што им даваме сe’, ќе речат не може да работиме со локални добавувачи, затоа што не исполнуваат одредени стандарди.

 

-Освен еднаквиот третман со странските инвеститори, што вие како претставник на бизнис секторот барате од државата за да се подобри бизнис климата? Колкав проблем е постојаното менување на регулативата, новите парафискални давачки, казните?

Ние бараме само патишта, железница, енергетика – добра инфраструктура. Никогаш не сме барале најниски даноци или не знам што. И не е проблем во регулативата, туку треба да се создаде општествена свест во која што државата треба да го гледа бизнисот како најголем пријател. Ако така го гледа, бизнисот ќе и врати како на најголем пријател. Бизнисите се најголемите пријатели на државата, на секоја владејачка гарнитура. Многу е страшно кога ќе ве обележат како блиски до одредена политичка гарнитура. Тоа е почеток на вашиот крај. Значи ,треба еден коректен однос на луѓето што те контролираат, казните треба да се превентивни, некои казни се превисоки за малите и средните бизниси. Репресијата не е решение. Репресијата е решение за луѓе што повеќе пати го прават истиот прекршок. Првиот пат може да е од незнаење, втор пат му се згрешило, а третиот пат… е тоа е веќе со намера. Е сега, тој првиот пат кога е од незнаење, не треба да ви одредат казна која ќе ви го затвори бизнисот. Најголема доблест на државата е да не ги затвора бизнисите. Не е поентата да те затворат како бизнис. Во интерес на државата е бизнисите да преживеат. Па, од кого ќе наплаќа даноци?

-Како според вас треба да се стимулира бизнисот и претприемништвото?

Првиот чекор, намалувањето на каматите веќе се направи. Второ, да се направи некоја институција што ќе финансира стартапи, и тоа не со 3000, 5000 евра, туку со посериозни суми. Банките никаде во светот не финансираат стартапи, така што ако државата сака да го стимулира претприемништвото, мора да стимулира некакви механизми, фондови, бизнис ангели и сл., кои што ќе влезат во поголем ризик, финансирајќи стартапи. Трето, што го споменав, Владата мора да обезбеди стабилна енергетска, патна и железничка инфраструктура. Четврто, и многу важно, е создавањето на бизнис стратегија, заедничка програма помеѓу државата и бизнис заедницата, и тоа краткорочна – на една година, среднорочна- на пет години и долгорочна на десет години. И не е битно која Влада ќе биде, таа програма да мора да се спроведува.

Интервјуто го водеше новинар Игор Петровски и истото е објавено во магазинот „Капитал“

7

Се уште без коментари.

Мора да се најавите за да коментирате. Логирај се