Friday, 16 January, 2015 12 28

ЗАКОН ЗА ПРИДОНЕСИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ, ЗАКОН ЗА ФИНАНСИСКА ДИСЦИПЛИНА, ЗАКОН ЗА ЗАБРАНА ЗА ВРШЕЊЕ НА НЕРЕГИСТРИРАНА ДЕЈНОСТ!!!

Задоволство ми е да го стартувам ветеното, форумот, на кој сите Вие ќе можете стручно да го искажете својот став кој е од огромно значење за нашата струка.

Рафајловски консалтинг уште еднаш го одржува своето ветување и со ова ја покажува грижата за своите корисници. Во текот на целиот ден ќе можете да ги постирате Вашите коментари и во очекување на истите однапред Ви се заблагодаруваме. Коментарите ќе бидат од страна на администраторот постирани на самиот форум во периодот од три часа во текот на работниот ден, со што ќе се овозможи дигнитет на самиот форум.

Ние сметководителите сме исклучително важна карика во деловното работење на компаниите, па и на самата држава. Нашите пресметки и нивната точност ја покажуваат вистинската слика на работењето и функционирањето. Од тие причини сметам дека нашиот глас не само што е значаен, туку се повеќе ќе мора да се слуша, доколку посакуваме вистински развој на деловните субјекти и на самата држава.

Ова е нашата шанса!!!

Овој форум ќе го започнеме со сетот на законски измени кои директно влијаат на резултатите од работењето, а и во нашето работење во наредната година.

  1. Првиот Закон е Законот за пресметување на придонеси од пензиско и здравствено осигурување за сите договори на дело и авторски хонорари.

Од една страна ова ќе значи комплетно застанување на сивата економија, но воедно и ќе значи поголемо оданочување на личните примања за 25,3%. Ова зголемување паѓа на товар на примателот на хонорарот и тоа во основа значи намалување на неговите приходи.

  1. Стартува и Законот за финансиска дисциплина.

Управата за јавни приходи веќе мора да организира служби кои ќе го контролираат истиот и од кој ќе произлезат големи казнени мерки за непочитување на плаќањето што се случува меѓу деловните субјекти, како и меѓу деловните субјекти и државата. Единствен недостаток на овој закон е што сите дејства и долгови што се случиле пред неговото донесување не влегуваат во рамките на овој закон и за истите ќе биде потребно да се употребат досегашните мерки од позитивното право на Република Македонија.

  1. Се донесе и Законот за нерегистрирана дејност.

Стапува во сила третиот месец од неговото донесување, а тоа е 7 Април. Тоа значи дека ова е последна година кога годишните пресметки ќе можат да бидат потпишани од лица кои не се вработени во компанијата или пак немаат сметководствена компанија.

Ова значи сериозен исчекор за нашата струка и сериозна потреба што побрзо да се формира Институтот на сметководители и регулира нашата струка.

28
12 Коментари
  • saldo
    January 17, 2015

    Првично да ја поздравам Вашата идеа и стремежот на Вашата куќа Рафајловски консалтиг, да ја издигнеме професијата на повисоко ниво. Во однос на поставените теми, со плаќањето на придонесите мислам дека дополнително ке се оптовари и така веке презадолженото стопанство. Бидејки во последниов период излегоа премногу шпекулации на оваа тема, дали може да ни појасните дали за сите хонораци и хонорарни договори ќе се плаќаат придонесите, без разлика што не е 9590 ден надоместокот?

  • Goran Rafajlovski
    January 17, 2015

    Почитувани,

    Ви благодариме на поздравот и подршката во она што го работиме. Во однос на Вашето поставено прашање би сакале да ве известиме дека согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, придонеси ќе се плаќаат исклучиво само доколку месечниот надоместок определен во договорот за дело, авторскиот договор или друг договор е над минималната плата пропишана во Законот за минимална плата во РМ односно износот од 9.590 денари. Важно е да напоменеме дека доколку лицето кое остварува надоместоци по овој основ од повеќе склучени договори чиј поединечен износ не ја надминува минималната плата, но збирот од надомесокот од сите тие договори заедно е над минималната плата во тој случај тоа лице само се пријавува во ПИОМ со поднесување на сите договори и по решение ги плаќа придонесите. Исто така доколку надоместокот во договорот што е склучен не ја надминува минималната плата на ниво на стопанство во тој случај договорот не се доставува до ПИОМ.

  • brik.berovo
    January 18, 2015

    Пред се поздрав и од моја страна за почеток на форумот од ваша страна и се надевам дека поголем број на Ваши комитенти ќе се вклучат со свои ставови и мислења на зададените теми. Мојот коментар се однесува на Законот за нерегистрирана дејност. Според мое мислење со овој закон конечно ќе се стави крај на сивата економија и ќе се овозможи пазарен натпревар меѓу правните субјекти, пред се мислам од областа на услужните дејности (градежништво, земјоделие, сметководствени услуги). Мојот коментар се однесува на Член 20 од Законот за нерегистрирана дејност во кој се вели дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник“, а ќе почне да се применува во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
    Според мое мислење ова не значи рок 7 Април кој е даден од ваша страна, бидејќи е даден зборот „во рок“. За потпора на ова мое мислење е и донесувањето на Законот за даночна постапка, кој е во законска процедура и каде е наведено дека се врши усогласување на овој закон со Законот за нерегистрирана дејност, усогласување на казнената политика. Во Предлог законот е наведено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник“. Според ова ако законот се донесе под претпоставка на 2 Февруари УЈП ќе може да изрекува казни според овој закон од 10 Февруари.
    За вршењето на сметководствените услуги според мое мислење и досега државата дозволи длабоко кршење на Законот за вршење на сметководствени работи, а со донесувањето на Законот за нерегистрирана дејност ова кршење уште повеќе се продлабочува.
    Моето прашање е: Дали државата ќе продолжи да ја толерира нелегалноста на вршењето на сметководствената дејност?
    Ова мое тврдење го поткрепувам и со фактот што од Ваша страна е истакнато дека завршни сметки за 2014 година можат да се поднесуваат надвор од Законот за вршење сметководствени работи.
    Ваквото мое поврзување на овие два закони е и поради фактот што во Законот за нерегистрирана дејност во Член 6 став 1 е наведено дека за нерегистрирана дејност се смета и вршење на дејност која не е запишана во посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар.
    Прашање: Дали ова значи отворање на предвидените регистри во Институтот на сметководители и овластени сметководители до 7 Април?

  • Goran Rafajlovski
    January 20, 2015

    Прво да се заблагодарам за стручните коментари и да пробам да одговорам на дел од истите.
    Под број 1 рокот од 7 Април е поради фактот што на законодавецот му требаат три месеци да ги усогласи сите постапки и од таа причина истиот ќе се применува од овој датум и ќе биде контролиран од страна на Управата за јавни приходи.
    За вршењето на сметководствените услуги можам да се сложам дека државата 24 години дозволува кршење на Законот. Веројатно ние сме една од ретките земји каде што државата дозволува во т.н. сива зона позната како сива економија да се води сметководство од лица кои не се регистрирани за истата дејност без разлика дали имаат сертификат или немаат. Затоа верувам дека овој закон ќе овозможи барем во делот на сметководителите и сметководствените бироа од наредната година да не може да ја потпишуваат завршната сметка, а се надевам и даночните пријави до колку не се вработени во самата компанија или пак не ја извршуваат дејноста како регистрирано сметководствено биро согласно Законот за трговските друштва и Законот за вршење на сметководствени работи.
    Но, исто така, морам да напоменам дека и регистрираните сметководствени бироа го кршат законот во многу тоа, а најочигледно е во делот на континуираната настава за која истите сите свои вработени мора да ја посетуваат во текот на една година, а тоа не го прават. Исто така, за да ова профункционира како што треба потребно е да се воведе и норма на минимум работни саати потребни за извршување на одредени дејства со што пред се ќе се зголеми бројот на вработени во сметководствените бироа, а со тоа ќе мора да се зголеми и цената на услугите на истите.
    Уште едно кршење на Законот што го прават сметководствените бироа е нивното осигурување кое што им е задолжително, а многу мал дел од нив го имаат извршено со уплатена премија на годишно ниво.
    Затоа да не тргнуваме од тоа кој што добива и кој што губи.
    Изминаа 24 години и законодавството во корист на нашата струка многу малку е променето.
    Од тие причини и го формиравме овој форум за да сите може да го искажат својот став, кој со сигурност Ви тврдам дека не треба да ни е идентичен и што повеќе се разликуваме на одредени теми тоа посигурно и подобро ќе дојдеме до квалитетно заедничко решение.
    Оваа струка има многу иднина, ама за истата мора сами да се избориме!

    • brik.berovo
      January 20, 2015

      Се заблагодарувам за дадениот комплимент од Ваша страна, а воедно сакам да нагласам дека овој напис е реплика на коментарот даден на 20 Јануари од Администраторот.
      Првин сакам да истакнам дека за една фер игра се потребни правила кои ќе бидат почитувани од сите. Во сметководствената професија правилата на игра се дадени на светско ниво од страна на IFAC. Во услови на глобализација на светската економија не е дозволено отстапувања од овие правила, нашата игра е следена во светски рамки. Со ова сакам да кажам дека дадената информација од наша страна треба да биде компатибилна со иста таква информација во светски рамки. Или кажано на друг начин податокот што ќе го искажам во финансиските извештаи или билансни шеми е податок според светски правила на игра.
      Бидејќи за вклучување во играта од светски ранг е најпрвин потребно одржување на Државно првенство, без соодветни Институции не е можно нивно организирање. Во Република Македонија недостасува Институцијата за поврзување на играта од светски рамки на државно ниво. Во нашиот случај тоа е неформирањето на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Со неговото нефункционирање е изгубена кариката на функционирање на играта во светски рамки. Со тоа се изгубени и стандардите за едукација кои се предвидени од страна на IFAC и во кои се предвидени минимални познавања од одредени области без кои е невозможно влегување во организацијата на IFAC.
      Во Република Македонија во сегашната ситуација е невозможно издигнување на сметководствената професија на повисоко ниво. Во сегашни услови сметководствената професија е борба за опстанок, борба со нелојална конкуренција.
      Во сегашни услови, без почитување на правилата на игра на IFAC, секој играч (сметководител и сметководствено биро) сака да влезе во игра на секој начин. Бидејќи нема друга институција која ќе ја санкционира неговата игра, неговата борба се состои во тоа да не биде забележан од судијата во неговата нефер игра. Судијата во овој случај е УЈП која во некои случаи во досегашната контрола немаше интерес да ја согледа работата на книговодителот во целокупна рамка туку неговите интереси беа строго наменски (ДДВ. персонален данок).
      Во оваа смисла сакам да истакнам дека сферата на интерес на УЈП не беше финансискиот резултат, кој со измената на Законот за данокот на добивка кој се утврдува врз основа на Сметководствените стандарди конечно кај нас ќе мора да почнат да се применуваат и дека ќе следат санкции за нивно непочитување.
      Воведувањето на минимум норма работни саати според мене е токму во доследната примена на МСС и МСФИ кои кај нас се применуваа во редуцирана и минимална форма, некогаш и погрешно, а за тоа немаше санкции од соодветните институции.
      А во природата на човекот е да се движи по патот на помал отпор. Значи ако никој не ја санкционира мојата работа ќе продолжам да ја вршам по пат на помал отпор. За пократко време поголем обем на работа, макар и делумно точна или неточна.

  • Goran Rafajlovski
    January 21, 2015

    Затоа и го започнавме овој форум. Неговото значење е Вашиот глас да биде виден-слушнат. Само на овој начин заеднички може да се избориме за својата струка.
    Стручно мислење јавно искажано, мислење кое сигурно ке не поведе напред, да ја подигнеме пред се нашата свест, а со тоа и нашата струка.

  • konto1
    January 21, 2015

    Почитуван господин Горан Рафајловски, Честитки за трудот и упорноста за конечно да се направи малку посериозен исчекор за реализирање на заложбите за подобрување на крајно занемарената и потценета местоположба на сметководителите перманентно товарена со нови и нови обврски и одговорности и обврски без речиси никакви права, помош во решавање на проблемите и дилемите во вршењето на сметководствените работи …И СЕКАКО-ЖЕЛБИ ЗА УСПЕХ ВО ОВАА МИСИЈА НА РАФАЈЛОВСКИ КОНСАЛТИНГ ЗА ПОСКОРО НАДМИНУВАЊЕ НА ОВИЕ СОСТОЈБИ И ДОВЕДУВАЊЕ НА ПРОФЕСИЈАТА СМЕТКОВОДИТЕЛ НА МЕСТОТО КОЕ ГО ЗАСЛУЖУВА КАКО ЛОГИСТИКА НА СТОПАНСТВОТО И ИЗВРШУВАЊЕТО НА НЕГОВИТЕ ОБВРСКИ КОН ДРЖАВАТА‘НИ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,
    Среќно!
    местоположба

  • Goran Rafajlovski
    January 21, 2015

    Благодарам за желбите и честитките и уште еднаш само напред сите заедно!

  • brik.berovo
    February 25, 2015

    Бидејќи наближува рокот од 7 Април, денот на стапување на сила на Законот за нерегистрирана Дејност, чувствувам лична потреба за дообјаснување на некои нејаснотии заради наша лична заштита.
    Сите следиме дека државата почна да донесува Законски измени со кои сите ИНСПЕКЦИСКИ СЛУЖБИ се одговорни за примената на овој закон. Бидејќи многу брзо кај нас ќе влезе некој Инспектор за да му ги дадеме бараните податоци ние сме првите на удар на Инспекцискиот надзор.
    Дали лицето кои ги дава овие податоци работи во согласност со Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност?
    Бидејќи досегашните објаснувања и толкувања на Законот за вршење на сметководствени работи беа дека сметководството може да се врши и врз основа на Договор на дело, заради тоа што не е формиран Институтот на сметководители и овластени сметководители, моето прашање е следно:
    Дали и од 7 Април сметководството ќе може да се врши врз основа на Договор на дело, бидејќи не гледам можност за формирање на Институтот до овој период?

  • Goran Rafajlovski
    February 26, 2015

    Ако кажам дека немам коментар, сигурно е дека нема да задоволам со одговорот.
    Но едно е сигурно!!!
    Инспекциските органи, за жал како и досега ке тргнат во контрола на тие што работат регуларно, по закон и истите можеби имаат некои технички грешки во работењето.
    Тие што работат по договори на дело согласно законот за вршење на сметководствени работи и законот за нерегистрирана дејност нема да смеат да ја обавуваат оваа дејност со ваков вид на ангажман.
    Непостоењето на институтот не ги ослободува истите да можат да продолжат да работат на овој начин. Единствено до што нема да дојде по мое согледување е неожноста на контрола на квалитетот на работење на сметководствените работници со што би дошло до утврдување на одредени стандарди во работењето како и почитувањето на законската регулатива во целост.
    Да се надеваме дека институтот ке биде формиран во текот на оваа година.

  • brik.berovo
    February 26, 2015

    Како прво да се заблагодарам на децидниот одговор на мојот коментар од 25 Февруари 2015 година.
    Притоа сакам да истакнам дека вашиот одговор ќе го толкувам како официјален став на Вашата куќа и со истиот ќе настапувам пред надлежните органи, што и досега го имам правено и тоа доста успешно.
    Не сакајќи коментарот од 25.02.2015 година да го оптеретувам со премногу прашања, за разјаснување на моите нејаснотии, се надевам на дециден одговор од Ваша страна заради што поуспешно справување со Законот за нерегистрирана дејност.
    Пред да го поставам следното мое прашање сакам да дадам објаснување на истото за да можете успешно да дадете официјален коментар од Ваша страна.
    Сопствениците на фирми кои што поседуваат Уверение за сметководител или овластен сметководител сами ги извршуваат сметководствените работи и составуваат и донесуваат Завршни сметки до надлежните органи. Во истата категорија се и сметководствение бира, било да се организирани како сметководствено биро или трговец поединец.
    Вработените во трговска, производствена или друг вид на фирма, (пример: трговија на мало, производство на производи од дрво и слично), а поседуваат Уверение за сметководител или овластен сметководител, склучуваат Договори за вршење сметководствени работи преку ваков вид на фирми.
    Затоа моето прашање е следно:
    Дали оваа категорија на сметководители од 7 Април 2015 година го кршат Законот за нерегистрирана дејност?

    • Goran Rafajlovski
      February 26, 2015

      Да го кршат законот за вршење на сметководствени работи, а истовремено и законот за вршење за нерегистрирана дејност.
      Овие компании мора да се регистрираат за водење на сметководствени услуги.
      Лиценцата за овластен сметководител или сметководител сама по себе ништо не значи!

Мора да се најавите за да коментирате. Логирај се